Палеолитската збирка во НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија содржи наоди од локалитетите Макаровец и Голема Пешт, како и разновиден суровински материјал од повеќе микрорегиони на Македонија.
При палеонтолошките сондирања во средината на XX век во централниот дел на Македонија во пештерата Макаровец, Велес се откриени пет камени артефакти со најверојатна припадност во горниот палеолит, кон што оди во прилог и горноплеистоценската фауна со фосилни остатоци од пештерска мечка, хиенa, лав, козорог, волк, лисица, магаре и коњ. Овие наоди се наоѓаат во горниот дел од првата витрина.
На крајот од XX и почетокот на XXI век се направени проспекции на 45 пештери и поткарпи по течението на реките Бабуна во Велешко и Треска во регионот Порече, како и во југозападните, источните и североисточните микрорегиони во Македонија. Во првата витрина се сместени повеќе видови суровина со специфична структура, школкесто прекршување и тврдина како потенцијални суровини за изработка на делканите алатки.
Најмногу археолошки наоди во оваа палеолитска колекција потекнуваат од локалитетот Голема Пешт, с. Здуње од регионот Горно Порече. Ископувањата се вршени неконтинуирано од 1999 год. до денес и се откриени илјадници камени артефакти и фосилизирани животински остатоци.
Во првата витрина се поставени типични јадра и орудија кои го карактеризираат горниот палеолит. Тоа се едноплатформни, двоплатформни и јадра со смена на ориентација, а од орудијата: стругала, сврдели, ретуширани одбитоци, назабени и орудија со засек, излупени парчиња и др. Релативното хронолошко определување според типолошко-технолошките карактеристики и анализа на пепелта се однесува на времето од 40.000 год. п.н.е.
Во втората витрина се сместени левалуашки и дисковидни форми на јадра и одбитоци. Преовладуваат назабени и орудија со засек, а најбројни се ретушираните одбитоци. Со помалку примероци се застапени сврдлите, шилците и струшките. Mатеријалот несомнено укажува на мустериенско потекло со нагласена микролитизација. Со радиокарбонската анализа добиени се датуми помеѓу 47.100 ± 4.800 и >50.000 год. п.н.е., што одговара на доцниот среден палеолит т.е. крај на мустериен. Носител на мустериенската култура е неандерталецот.
Најголемиот број на примероци од горниот и од средниот палеолит се изработени од кварц, а во помал процент се застапени кварцит, јаспис, кремен, риолит и базалт.









