Збирката за класичен период во постојаната музејска поставка презентира експонати, кои временски потекнуваат од крајот на V до средината на IV век п.н.е. Тоа е време на значајни општествени, демографски, политички и економски промени во животот на популациите што ја населувале територијата на Македонија и поширокото централно балканско подрачје, а меѓу кои Пајонци, Македонци, Бриги, Дасарети, Линкести, Илири, Дарданци и др.
Изложените предмети се сведоштва на нивната развиена материјална култура, како и на економските, трговските и културните релации, особено со јужните, хеленски градови и колонии. За активното влијание на хеленскиот свет врз развојот на популациите кои ја населувале територијата на Македонија во антиката сведочат бројните примери на разновидни ексклузивни предмети за домашна и лична употреба, донесени директно од центрите на античкиот свет: Атина, Олинт, Пела, Амфипол, Филипи итн. Таков пример е групата керамички садови во стилот на црвено-фигуралното сликарство, пронајдени на локалитетите кај Демир Капија и Исар-Марвинци кај Валандово. Меѓу нив се издвојуваат повеќе форми што ќе ја одбележат раната антика: пелике, лекит, кантарос, скифос, а особено хидријата од Демир Капија со претстава на Дионисовиот култ во стилот на големиот Медијас.
Ваквите и други форми трпезни, кујнски и амбалажни садови стануваат сè повеќе популарни во домашната (локална) керамопродукција. Меѓу нив се издвојува групата сивопечени садови, позната и како сива пајонска или сива македонска керамика. Заради задоволување на потребите на пазарот при изработката на одредени форми започнува употреба на калапи.










