Археолошкиот музеј продолжува со ископувања на локалитетот Исар-Марвинци, Валандово. Овогодинешното истражување му донесе нова вредност и нов историски период на локалитетот, а тоа е Првата светска војна. На просторот од римската некропола на доминантен врв, помеѓу римските гробови се откри и истражи долго рововско вкопување долж целиот рид. Од оваа позиција во целост се контролирала целата област од Валандово до Богданци и планината Кожуф и најважно – патот кон југ и Солун.
На овој начин локалитетот станал дел од Македонскиот (Солунски) фронт. Но, според археолошките наоди во рововите, се чини дека биле стационирани силите на Антантата, поточно српска војска со француска муниција од 1915 г., а не германската војска или Централните сили. Мноштвото наоди и гранати сведочат дека локалитетот преживеал жестоки борби.


